Biography
THE HIP се формирани во декември 1992. Како бенд кој израсна со појавата на клубот "Ariel", тие веќе на стартот на својата кариера имаа можност да бидат во центарот на вниманието и да свират на престижни концерти. Така уште наредната пролет, тие свиреа како предгрупа на КАЗНА ЗА УШИ а потоа и на ЕЛЕКТРИЧНИ ОРГАЗАМ. Од вториот концерт потекнува и нивната прва снимка - обработката на познатата песна на STOOGES од 1969 - No Fun, која подоцна се најде на компилацијата Corpus Delicti. На "Гитаријадата 93" групата беше прогласена за најнадежен состав во Куманово. По згаснувањето на "Ариел" и по мојата одлука да го организирам менаџментот на бендот, следуваше пробив на музичката сцена во Скопје каде што THE HIP, во есента 1993, отсвиреа неколку последователни концерти. На едниот од нив, тие свиреа како предгрупа на англискиот состав RED EYE EXPRESS. Во меѓувреме почна да излегува и списанието "Тротоар" кое веднаш ги прогласи за најнадежна група во Македонија. Како последица на тоа групата доби голема чест да го затвори првиот underground фестивал за бендовите од поранешна Југославија, кој се одржа во салата на "Домот на младите" во Белград. Групата доби пофални критики во тамошните медиуми и направи неколку интервјуи за телевизиските станици од Белград. Тој концерт се чини дека беше пресуден за понатамошниот развиток на групата. Веднаш по враќањето, групата настапува на "Гитаријадата 94" во Куманово во својство на специјален гостин и прави специјално интервју за "Тротоар".
Во пролетта 1994, по неколку персонални измени, THE HIP го подготвија материјалот за нивниот прв албум - Songs about books and flowers. Тој беше сниман во текот на месец април и мај во студиото "Cyberspace", со снимателот Влатко Каевски. Како гостин на албумот свиреше и Сеад Хаџиќ - Сецко од групата LAST EXPEDITION. Албумот, под покровителство на дискографската куќа "Trot records", се појави во есента 1994 и веднаш беше прогласен за еден од албумите на годината.
Костадин Шурбановски во "Тротоар" напиша: "За извонредно кратко време, со вложување на огромно количество труд и енергија на THE HIP им појде од рака од една маргинална почетничка појава да прераснат во бенд достоен за почит. Деветте песни на албумот зборуваат за една ултрамодерна и современа музичка варијанта за која се определуваат THE HIP … Не треба да се биде премногу строг при оценувањето на Songs about Books and Flowers особено ако се има предвид вистината дека и самото егзистирање на THE HIP во земја во која владее алармантно неповолна клима за развивање и негување на духот претставува подвиг сам за себе."
Филип Марјановиќ пак, во "Зрак" вели дека: "THE HIP се издвојуваат од голем број на млади и неафирмирани македонски групи кои за жал, сеуште се изгубени во темницата на пост-панк периодот". THE HIP со овој албум понудија една сосема нова музичка визија за овие простори. Инспирирани со психоделијата на 60-те и 70-те, THE HIP се обидуваат (и успеваат) да ве пренесат во времето што започнува со BYRDS и PINK FLOYD а завршува со SPACEMEN 3 и LOOP. Својот психоделичен амбиент, THE HIP го дополнуваат со употреба на најразлични гитарски ефекти што е вистинска реткост на овие простори. …Songs about Books and Flowers во целина е интересно и квалитетно издание".
Во меѓувреме, во јуни 1994, групата го отвара фестивалот "Урбан Фест 94", кој подоцна ќе стане модел за кумановскиот "Летен Рок Фестивал". Според општите оценки групата направи еден од најдобрите настапи на фестивалот. До крајот на годината THE HIP повторно настапи во Скопје во рамките на меморијалниот концерт по повод смртта на новинарот Драган Аргировски-Ушко. Во склоп на таа активност, во декември 1994, групата повторно влезе во истото студио за да ја сними обработката на дваесет години старата песна на HAWKWIND - Brainstorm. THE HIP ја заврши годината како група со албум меѓу првите три на годината (во силна конкуренција со АНАСТАСИЈА и LAST EXPEDITION); синглот од албумот Suicide стана една од песните на годината и долго време се наоѓаше на топ листите на радио станиците во Републиката. Спотот за истата песна беше прогласен за најдобар спот во таа година од страна на Телевизија "Сител".
Новата година, групата најпрво ја започна со концертна активност (пак) во Скопје како специјален гост на едната од вечерите на "Поп-Рок Фестот 1995". Во март, THE HIP го имаа едниот од најуспешните концерти во кариерата како специјални гости на концертот на групата ОБОЈЕНИ ПРОГРАМ, организиран од тогаш непознатата продуцентска куќа "Авалон". Концертот беше пренесуван директно преку брановите на "Канал 103" што уште повеќе допринесе групата да се здобие со култ статус, посебно во Скопје и Куманово. Во април групата настапи во "Домот на младите" во Штип каде за прв пат одржа самостоен концерт.
Во истиот период се случија неколку работи кои беа од огромно значење за понатамошниот развој на групата. Најпрвин тие беа повикани од страна на режисерот Сашо Миленковски да прават музика за претставата која тој требаше да ја режира во кумановскиот театар. На Миленковски, кој во тоа време беше култен режисер, му се допадна настапот на THE HIP на "Урбан Фест" и реши да ги користи како живи изведувачи на 12 закажани настапи во државата. За потребите на претставата, групата започна со проби во театарот. Проектот веќе беше во завршна фаза кога, поради персонални несогласувања помеѓу Миленковски и тогашниот директор на кумановскиот театар, беше откажан. Тоа беше мал удар за бендот кој на ваков начин се надеваше да ја претстави својата музика на поширокиот аудиториум. Како и да е, групата веќе во март 1995 доби можност за поширока афирмација со посетата на музичарот и продуцентот од Англија John Robb. Тој за време на неговиот краток престој во Скопје ја продуцира новата песна на групата - UFO. Песната беше снимена во студиото "Тралала". По враќањето во Англија, Robb направи рецензија за неговата посета на Македонија во која посебно ја истакна групата како водечка снага на тамошната сцена. Текстот беше објавен во најценетиот музички неделник "Melody Maker", во бројот од 25 Март 1995. Во екот на најголемата популарност THE HIP, со право, беа главните ѕвезди на првиот "Летен Рок Фестивал" организиран во јуни 1995, во Куманово. Во септември 1995, групата настапи во "Куршумли Ан" во склоп на фестивалот организиран од "Trot Records". До крајот на годината групата безуспешно се обидуваше да направи поголема турнеја по Србија и да сними нови снимки. Општото свртување на сцената и интересот кон електронската музика (посебно по концертот на PRODIGY во декември 1995) не создаваше поволна клима за бендови какви што се THE HIP. Во исчекување на поповолни услови групата, во текот на 1996 и 1997, одржа концерти во разни градови во републиката (Охрид, повторно Штип, Битола и Велес). Во јуни 1996, THE HIP повторно со одличен настап се претставија на "Летниот Рок Фестивал" во Куманово. Пред тоа, групата настапи и на концертот кој по повод својот роденден го организираше "Канал103" (од тој концерт беше издадена и аудио лента на која THE HIP беа вклучени со песната Life in Death). Во јануари 1997 групата, повторно како гост, настапи и на "Гитаријадата 97" во Куманово. Во јуни истата година, THE HIP настапија и на фестивалот во Кавадарци. По тоа следуваше пауза во активноста на бендот од скоро две години. И кога веќе сите помислија дека тоа е крајот на постоењето на бендот, THE HIP повторно настапија во јуни 1999, во склоп на промоцијата на телевизиската емисија "Sub-style". Во пролетта 2000, групата започна со сериозни проби. Во мај, тие одржаа концерт во Куманово под покровителство на Училиштето за странски јазици "ABC". На тој концерт групата се претстави со нови песни кои подоцна ќе станат дел од снимките на ЦД-то - Road of Excess. Училиштето им обезбеди простор за проби на членовите на групата. Тоа резултираше со извонредно богат творечки занос во кој беше создадена основата за вториот албум - Reality Overdrive. Во февруари 2001, групата со изнајмена опрема, во живо, сними 7 песни, во киното во Автокоманда. Снимките му се допаднаа на сопственикот на "Авалон" - Бобан, кој се понуди да го финансира снимањето и издавањето на албумот.
Artist descriptions on Last.fm are editable by everyone. Feel free to contribute!
All user-contributed text on this page is available under the Creative Commons Attribution-ShareAlike License; additional terms may apply.